Ракометарите на Пик Сегед го однесоа целиот плен од „Јане Сандански“, победувајќи го Вардар со 28-26 (13-15), во 11-та рунда од групната фаза во Лигата на Шампиони.

„Црвено црните“ до 50-та минута имаа контрола на мечот и резултатот, но слабиот финиш ги чинеше пораз, кој ги остава на последната позиција на табелата. „Вардарци“ во решавачките десет минути промашија неколку зицери и пенали, а, на спротивната страна одбраната попушти, што создаде доволен простор за Пик Сегед да го преземе водството и преточи во триумф.

Пик Сегед со победата над Вардар го прекина постот без победа во Скопје и на најдобар можен начин ги најави следните мечеви во групната фаза. „Вардарци“ одново одиграа меч „топло-ладно“, што премина во навика.

OhridNews