Екипата на Металург претрпе пораз на првиот од двата мега дуели со Вардар во групната фаза од Лигата на Шампиони. В недела со почеток во 18 часот македонските ракометни гиганти ќе се сретнат уште еднаш, а пулените на Лино Червар горат од желба за одмазда.


– Факт е дека на минатиот меч одигравме катастрофално лошо во секој сегмент од играта. Вардар го искористи тоа и заслужено славеше. Но не се сведува сѐ на тој натпревар, бидејќи уште имаме простор за играње и за надигрување. В недела ќе се потрудиме, прво заради себе, а потоа и заради многубројната публика што замина разочарана по тој натпревар, да одиграме на наше ниво, машки и пожртвувано и да докажеме дека Металург може и знае да се бори – рече „пикерот“ Ванчо Димовски.

Металург на првиот дуел со Вардар не наликуваше на себе и „црвено црните“ сосема заслужено го освоија целиот плен.

– Пад во играта и во концентрацијата може да му се случи на секој, па затоа деновиве максимално работиме на отстранување на сите аномалии од првиот дуел и враќање на мотивот и на концентрацијата во екипата – заврши Димоски.

Мх.П.