Ракометарите на Металург и Вардар откако ги добија противниците во 1/8 финалето од Лигата на Шампиони имаа „измешани“ емоции. Во таборот на Металург задоволството е големо по добивањето на Колдинг за противник во 1/8 финалето.
– Се работи за многу силна екипа составена од неколку мои поранешни соиграчи, како Јоргенсен, Хвидт и Рокас. Во овие нокаут-натпревари тензиите и притисокот се многу поголеми и ќе ни биде исклучително тешко да го повториме успехот од минатата година. Самиот пласман на второто место во групата, пред едно Киелце, кажува колку се квалитетни – рече Ренато Вугринец.
Во составот Вардар владеа претпазливост бидејќи ќе се сретнат со Европскиот првак Хамбург – Имав некакво претчуство дека ќе играме против Хамбург или Веспрем, тоа беа и двата тима кои ги посакувавме пред почетокот на извлекувањето. Се радуваме што на гости ќе ни дојде европски првак, а ќе дадеме се од себе да го изненадиме Хамбург – потенцираше првиот човек на клубот, Давор Стојановски.
Првите натпревари од осминафиналните двомечи Вардар и Металург ќе ги одиграат пред своите гледачи, а според неофицијалните извори „црвено црните“ ќе играат в сабота на 22 додека „пиратите“ ден подоцна.
Мх.П.