Ракометарите на Металург се пред историскиот двомеч во 1/4 финалето од Лигата на Шампиони. Тие се подготвени да им вратат на Килце за двата порази во групата и да обезбедат пласман во завршницата од ЛШ кое се игра во Келн.


– Киелце ни е добро познат противник, двапати загубивме од нив, но овие дуели  не можат да се споредат со оние од групната фаза. Најважно за нас е да одиграме на ниво највисоко досега, за да можеме по завршувањето на мечот да се погледнеме во очи и да си кажеме – ова навистина е нашиот максимум. Доколку не победат и тогаш се разбира спортски ќе им пружиме рака. Досегашниот резултат е голем успех, но шансата за нов успех е тука и треба да се обидеме да ја искористиме –
истакна капитенот на Металург, Ванчо Димовски.

Ракометарите најголемата поддршка ја имаат од својот стратег Лино Червар, кој исто како нив верува во пласман во голема четворка.

– Во текот на сезона веќе игравме против Киелце. Тоа е единствениот клуб од кого загубивме на домашен терен, а исто така не совлада и пред неговата домашна публика. Но сметам дека не се посрамивме, туку дека заслуживме многу повеќе. Токму поради тие две добро одиграни средби имаме надеж дека можеме да направиме чекор напред и да забележиме победа. Сега работите се поинакви. И двете екипи се борат за прво, историско учество во фајнал-форот, па со оглед на тоа влогот е огромен. Секој оној што барем малку ги познава случувањата во ракометот свесен е дека Киелце е апсолутен фаворит во овој дуел. Таму играат петмина хрватски репрезентативци, на кои им бев тренер, го имаат најдобриот играч на Словенија, имаат еден Србин, Швеѓанец, таму игра најдобриот играч на Полска. Киелце на секоја позиција има по двајца квалитетни ракометари. Но, убавината на спортот е во тоа што не победува секогаш фаворитот – рече Червар.

Хрватскиот стратег го смета Киелце како фаворит, но тоа не значи дека со сигурност тие ќе одат понатаму.

– Келн има своја цена. Тие се сигурни дека ќе не победат, а за да го елиминираме тоа треба ние да ја имаме контролата. Треба да се игра со срце и со ладна глава. За да победиме треба да се исполнат три моменти: не смееме да се надигруваме и во одбрана треба да играме со две срца, во нападот треба да бидеме трпеливи, без технички грешки и да играме на „мал“ резултат. Како да му се спротивставиме на еден талку силен клуб? Постојат неколку сегменти каде ќе мораме да ја бараме својата шанса. На пример одбраната. Таа ќе биде клучна за нашиот успех во овој двомеч. Сите играчи што ќе играат во дефанзива едноставно ќе мораат да се надминат себеси и да дадат се за да се сопрат противничките налети. Буквално ќе ни бидат потребни две срца за да се одбраниме од нападите на Киелце. Што се однесува до фазата на нападот, таму ќе мораме да играме многу мудро. Ќе треба трпеливо да ја чекаме нашата шанса за гол, пред се со долги и неизбрзани напади, бидејки Киелце располага со експлозивна полу контра. Се надевам дека сето тоа, надополнето со една одлична атмосфера во СЦ Борис Трајковски, ќе бидат доволни за да се надминеме себеси и да направиме голем чекор напред, како на клупски, така и на државен план – заврши Червар.

Првиот натпревар се игра на 21 април со почеток од 17 часот, а домаќин ќе биде македонскиот првак Металург.

Мх.П.