Ракометарите на Металург без Дејан Манасоков, но со Ренато Вугринец и Павел Атман ќе му се спротивстават на ППД Загреб во третото коло во А групата во Лигата на шампиони. 

Манасков доби суспензија од еден меч поради црвениот картон кој го доби на натпреварот со Врест Мешков одигран минатата недела. Металург на левата крилна позиција за мечот со Загреб ќе го има само Гоце Ојлески.

Покрај Манасков во тимот ќе го нема ниту Дарко Станиќ, голманот кој неколку сезони беше еден од заштитините знаци на Металург, во четвртокот спогодбено го раскина договорот со клубот.

Според најавите, во Загреб, Лино Червар ќе смета на услугите на Павел Атман и Ренато Вугринец, откако двајцата го пропуштија гостувањето во Белорусија. Атман, слично како и Станиќ се очекуваше дека ќе го напушти тимот, додека Вугринец се рехабилитирал од повредата.

Натпреварот во Загреб е веројатно клучен за Металург, доколку македонскиот првак сака да ги задржи шансите за пласман во Топ 16 фазата. Металург на првите две средби два пати загуби (ПСЖ и Брест Мешков), Загреб од друга страна има победа (Кил) и пораз (ПСЖ).

Инаку во А групата каде што партиципираат двата тима веќе се одигра еден меч, Кил победи кај Брест Мешков со 25-24. Голманот Палицка со одбрана во последната секунда му ја донесе победата на Кил, во чии редови најефикасен беше Вујин со шест голови.

„Макфакс“