Тимот од Автокоманда преку соопштение во јавноста се извини за хаосот на трибините, кој се случи на средината од првиот дел на мечот меѓу Металург и Вардар.
Навивачите на Вардар во 15-та минута се обидоа да се пресметаа со љубителите на ракометог во „Борис Трајковски“, а од сето тоа настана хаос на долниот дел од трибината. Брзата интервенција на полицијата и појавувањето на Веселн Вујовиќ на трибините ги смири страстите и мечот продолжи.
– Иако за овој натпревар организациски се подготвувавме подолг период, обезбедувањето и другите безбедносни органи во салата не успеаја да се справат со ситуацијата. И покрај тоа што ги имаше во огромен број, останаа неми набљудувачи кога таквите навивачи малтретираа граѓани што уредно си купиле влезница за натпреварот.
Поддржувачите на Металург се генерално семејни луѓе, луѓе што низ годините ги навикнавме дека на нашите натпревари нема простор за хулиганство. Искрено жалиме што нашите ценети навивачи, кои помеѓу другото ја покажуваат својата верност купувајќи и сезонски билети, на овој натпревар беа избркани од своите места “, се вели во соопштението на РК Металург, од каде уште еднаш на Вардар му ја честитаа победата.
Нивниот втор дуел во Лигата на Шампиони е за девет дена, а тогаш домаќин ќе биде тимот на Вардар.
Мх.П.