Екипата на Металург трета година во низа обезбедува пласман во ТОП 16 од Лигата на Шампиони. Во последниот натпревар од групната фаза избраниците на хрватскот стратег Лино Червар ќе се сретнат со Барселона, екипа која им нанесе тежок пораз во првиот натпревар.


– Во последниот меч од групната фаза се среќаваме со големата Барселона. Знаеме како минавме во Шпанија, и тоа е само мотив повеќе да покажеме дека имавме само лош ден. Сакаме да играме против големи тимови, особено во Скопје, и кога тука падна ПСЖ, зошто истото да не и се случи и на Барселона. Тие сигурно ќе дадат се од себе, нема да не потценат, но ние. иако имаме проблеми со повредите на неколку ракометари, ќе дадеме се од себе. На последните средби нашата одбрана не е на нивото од минатата сезона, ќе треба да поработиме, да одиграме поцврста одбрана и, ако го оствариме тоа, ќе можеме да се носиме со Барса – рече Миркуловски на пресконференцијата.

Според тренерот на „металурзите“ високиот пораз во првиот натпревар треба да мотив повеќе за неговите избраници во дуелот со најквалитетниот состав на светот.

– Мило ми е што ќе имаме полна сала, како што тоа впрочем беше случај во текот на целата сезона, затоа однапред ги поздравувам нашите верни навивачи. Ни доаѓа противник кој за секоја екипа е голем предизвик, Барселона, според мене, е главен фаворит за освојување на Лигата на шампионите. Од друга страна, жал ми е што мечот доаѓа во моментите кога имаме проблеми со повредите на нашите ракометари. Покрај Мојсовски, кој е повреден веќе извесно време, се мачи и Атман, кој се врати повреден по настапите за руската репрезентација на ЕП во Данска. Свесни сме дека се очекува да им се спротивставиме на Каталонците, а сигурно е дека тие ќе го дадат својот максимум иако мечот за нив нема поголемо резултатско значење. На првиот меч Барселона немаше милост кон нас и сигурно ќе се обидат тоа да го направат и сега, но, мислам дека најважно в недела ќе биде нашите играчи да дадат се од себе, да се обидеме со борбеност да му се спротивставиме на големиот фаворит. Ние немаме што да загубиме, ќе излеземе на терен и ќе одиграме најдобро што можеме против овој европски гигант. Во Минск имавме проблеми во нападот, очекувам тоа да се случи и сега, но, ќе повторам, имаме докажано дека со борбеност можеме да му парираме на секој ривал – потенцираше Червар.

Пред последната рунда тимот на Барселона каде настапува Кирил Лазаров го има обезбедено првото место во групата додека Металург со победа над каталонците може да се надева на втората позиција во групната фаза од ЛШ.

Мх.П.