Минатогодишниот четвртфиналист во Лигата на шампиони, Металург во втората рунда од групната фаза на домашен терен ќе го пречека тимот на ПСЖ.


Француската екипа која еден од главните фаворити за европската титула е составена од врвни ракометари кои имаат оставено неизбришлива трага во ракометот. Дел од „светците“ се Абало, Хрватите Коплјар, Дувњак, Вори, данскиот репрезентативец Хансен.

– Скопје, по Барселона, ќе може да го види и вториот голем противник, екипата на  Пари Сен Жермен. ПСЖ  по Копенхаген, кој кратко траеше, е клуб со најголем буџет и со големи инвестиции. Тој е најбогатиот клуб во историјата на Лигата на шампионите. Ја користам оваа можност да им честитам на сите во Вардар за добрата игра во првото коло на Лигата на шампионите, тоа е добро за македонскиот ракомет. Што се однесува на ПСЖ, мое мислење е дека овој тим, заедно со Барселона, е главниот конкурент за титулата во Лигата на шампионите.Тие во составот имаат тројца олимписки шампиони, потоа, го имаат најдобриот играч во светот, Хансен, како и тројца мои сонародници за кои сум многу врзан, па, сметам дека ПСЖ има дури и поголеми шанси од Барселона во битката за европската круна. Говориме за тим со неверојатно широк играчки кадар – рече хрватскиот стратег Лино Червар.

Поради суспензија од еден натпревар во составот за мечот со французите ќе недостасува Филип Миркуловски, а неизвесен е настапот на Атман, кој сеуште не 100% опоравен од повредата на зглобот.

– Тренерот кажа речиси се и нема потреба да се повторуваме. Имаме огромна почит кон ПСЖ, затоа што се работи за моќен клуб и една од трите најдобри екипи оваа сезона во Лигата на шампионите. Како капитен можам да ветам дека сите 16 играчи ќе го дадат својот максимум на овој натпревар, бидејќи само така ќе можеме да се носиме со францускиот состав. Мораме да и се оддолжиме на нашата многубројна публика која со години не бодри од трибините – смета капитенот, НаумчеМојсоски.

Ракометниот спектакл се игра в сабота со почеток од 18 часот во распродадената арена „Борис Трајковски“.

Мх.П.