Ракометарите на Вардар изгубија на стартот од новата авантура во Лигата на Шампиони. Избраниците на Стефче Алушовски после голема борба го положија оружјето во Белорусија претрпувајќи пораз од Мешков Брест 24-22 (12-10).

Двете екипи имаа водство од еден погодок на стартот од натпреварот. Домаќините поведоа со 1-0, а Вардар со 1-2. Мешков Брест со серија од 3-0 стигна до водство 4-2, но „црно-црвените“ возвратија со 3-1, за егал 5-5 во 15-та минута.

Од 15-та до 25-та минута Вардар влезе во криза. Мешков Брест со серија погодоци ги казнуваше грешките на „вардарци“ и стигна до највисоки 4 голови (11-7). Во завршните пет минути, Вардар се консолодираше и успеа да ја преполови предноста на домаќините и на одмор да замине со минус два (12-10).

Во воведот од второто полувреме Мешков Брест со два погодоци се врати на плус 4 (14-10), а минута подоцна беше и (15-11). Најголемата негатива ги „отрезна“ ракометарите на Вардар, кои со неверојатна серија од 6-0 и десет минути без примен погодок ја стопија предноста на домаќините и стигнаа до водство 17-15.

Домаќините после минутата одмор се стабилизираа и успеаја да дојдат до 17-17. Но и покрај тоа Вардар не ја предаде контролата на мечот. Во играта „гол за гол“ подобро се снајде македонскиот првак кој со гол плус (22-21) влезе во завршните пет минути.

„Црвено црните“ на 22-21 во 57-та минута имаа можност да поведат со плус два, но нереализираа а домаќините со два брзи голови го свртија резултатот 23-22. Вардар не погоди ниту за егал. Мешков Брест со гол во финишот го завери триумфот и запиша три вредни бодови на табелата.

Српскиот интернационалец Марко Вујин со шест голови беше најефикасен во Вардар, а еден помалку реализираше Иван Чупиќ. Вардар не ја валоризираше солидната партија на Борко Ристовски кој запиша двоцифрен број на интервенции зад неговото име. Кај домаќините Паниќ стрелаше седум пати прецизно, а Валипуа шест.

OhridNews
Фото: Архива