Тимската хемија, големата желба за надигрување и победа, домашниот терен и фантастичната атмосфера се адутите на Металург против германскиот гигант Кил во четвртфиналето во Лигата на Шампиони.

– Во атмосфера која може да ја направат само нашите навивачи никој, ама баш никој нема да остане рамнодушен па ни трикратниот првак во Лигата на Шампиони, Кил. Сезонава со победите против Барселона и ПСЖ покажавме дека домашниот терен ни е заштитен знак и се надевам така ќе продолжи против германците – рече Ацо Јоноски.

Претпоследната пречка од голот на Металург исто така шансата за пласман во завршницата од Ф4 ја гледа во променливата форма на „зебрите“ кои се далеку од препознатливиот безгрешен тим, кој „газеше“ во Бундес лигата и заминувања на неколку клучни ракометари.

– Сезонава германскиот првак игра доста променливо победува со повеќе разлика, потоа се мачи и тука некаде ја гледам нашата шанса. Пред почетокот на сезоната од екипата заминаа неколку ракометари кои беа незаменлива алка во тимот, а тоа се случи поради подмладувањето во составот – додаде корпулетниот ракометар.

Покрај сите „дефицити“ на германскиот бундеслигаш, Јоноски смета дека заедно со неговите соиграчи ќе мораат да одиграат без грешка на реванш натпреварот кој се игра на теренот од „зебрите“.

–  Затоа се играат два натпревари и тоа можеби најдобриот испит за една екипа дали е зрела за големи дострели. Со победата над Колдинг во Данска покажавме дека имаме зрелост, а мечот во Германија ќе биде вистински тест за нашите можности сезонава – заврши стружанецот.

Освојувачот на трофејот во Купот на Македонија првиот натпревар со Кил го игра в сабота на 19 април додека реваншот во Германија на 27 мај.

 

Фото : Емилио

Мх.П.