Македонскиот ракометен првак Металург го одбра потешкиот пат за пласман во завршницата од Лигата на Шампиони. Полскиот преставник во елитното натпреварување, Киелце и во третиот меч сезонава забележа победа над Металург, овој пат во 1/4 финалето со 27-25 (13-13).


Почетокот од натпреварот им припадна на ракометарите на Металург, кои со ефикасна игра во нападот и агресивната одбрана, континуирано имаа предност од три погодоци .

Голем пех за составот на Лино Червар се случи на средината од првиот дел, кога при една интервенција се повреди голманот Дарко Станиќ. Српскиот репрезентативец во неколку наврати се враќаше, но болката беше посилна од неговата желба за да биде меѓу стативите на голот.


Без него одбраната на Металург беше порозна. Организаторот на играта во гостинскиот состав Зорман заедно со Јачлевски и Лијевски стигнуваа до лесни погодоци и направија комплетен пресврт.

Нападот на Металург без потребната поддршка од одбраната неможеше да го издржи високото темпо кое го наметнаа ракометарите на Киелце и претрпе пораз од 27-25 во првиот дуел од двомечот со “жолтите“.


На полјаците во реванш натпреварот, кој се игра за седум дена им преостанува полесната задача, додека Металург за пласман во најдобрите четири ќе се надева на чудо.


Во гостинскиот состав тројца ракометари имаа по четири погодоци Јачлевски, Лијиевски и Росински. Во екипата на Металург шест голови реализираше Наумче Мојсоски, пет Вугринец, а четири постигна Миркуловски.

Македонскиот репрезентативец на голот, Никола Митревски немаше свој ден и собра шест успешни одбрани додека Станиќ седум.

Мх.П.