Ракометарите на Вардар се искачија на втората позиција на табелата во групата А, откако во дербито во Скопје забележаа тесна победа 28-27 (14-11) над полскиот гигант Киелце.

„Црвено црните“ со триумфот во СРЦ „Јане Сандански“ им се вратија на победи после два порази и едно реми и им реваншираа на „жолтите“ за поразот од првата етапа.

Првите десеттина минути поминаа во егал, а Вардар првата предност ја обезбеди со 3-0 серија (6-3). Околу средината од првото полувреме домашните ракометари дојдоа и до најголема позитива од четири голови (9-5). До крајот на полувремето водството на „вардарци“ варираше од три до пет голови за 14-11 после триесет минути игра.

Избраниците на Парандо долго време го контролираа мечот во второто полувреме и повторно заводија со пет разлика (22-17). Но, тогаш несватливо се опуштија, а противникот максимално го искористи да ја намали негативата и да внесе неизвесност на натпреварот.

Во финишот на семафорот беше плус еден за Вардар и напад на полјаците кои не успеаја да го реализираат, а домаќините го казнија тоа и обезбедија водство од два голови. До последниот свиреж Киелце постигна еден погодок за конечни 28-27.

Во листата на стрелци кај Вардар се истакнаа Криштофанс со пет голови и Скубе со четири. Во составот на Киелце, Душебајев реализираше пет, а Куљеш и Циндриќ по три. Голманите на Вардар беа подобри од полските чувари на мрежата и тука лежеше клучот на победата.

OhridNews
Фото: Gol.mk