Македонскиот фудбалски првак Шкендија широко си ги отвори вратите за пласман во следната фаза од квалификациите за влез во Лигата на Шампиони откако со минимални 1-0 славеше на гостински терен во првиот натпревар од двомечот со естонскиот Ном Калју.

„Црвено црните“ иако забележаа минимална победа во целост ги држеа работите под контрола и не дозволија противникот ниту еднаш да се закани. Шкендија отпорот на домаќините го скрши во 81-та минута кога Агим Ибраими од пенал ја погоди мрежата. Во последните десеттина минута, Шкендија го задржа водството и забележа значајна победа.

Во реваншот кој ќе се одигра за недела дена во Скопје, тетовска Шкендија ќе има задача да ја одбрани предноста од првиот натпревар и очекувано да го завери пласманот во следната рунда.

Шкендија беше прва македонска екипа која сезонава настапи во европските натпревари. Во четврток Академија Пандев, Македонија Ѓорче Петров и Шкупи ќе се натпреваруваат во Лигата на Европа.

OhridNews