Дефанзивецот на Манчестер Јунајтед, Рио Фердинанд, нема да биде дел од тимот на утрешниот натпревар против Бурса во Лигата на шампионите.
Фердинанд ги одигра сите 90 минути за Манчестер во саботната победа над Тотенхем од 2:0. Од клубот нема официјално соопштение зошто Фердинанд нема да патува во Бурса. Се претпоставува дека менаџерот, Алекс Фергусон, сака да го одмори дефанзивецот кој во последните шест месеци има многу проблеми со повредата на стапалото.
Покрај Фердинанд гостувањето во Бурса ќе го пропушти и Џони Еванс, па се очекува во последната линија на „црвените ѓаволи“ покрај капитенот Немања Видиќ да настапи Вес Браун.
По три одиграни кола во Ц групата, во Лигата на шампионите, Манчестер Јунајтед е лидер со 7 бодови. Два помалку има екипата на Глазгов Ренџерс, Валенсија е трета со четири бодови. Бурса во оваа група е последна без одвоен бод и со гол разлика 0:6.
Тотенхем со персонални проблеми во пресрет на мечот со Интер
Во очекување на утрешниот дуел во Лигата на шампионите против Интер, менаџерот на Тотенхем, Хари Реднап се соочува со персонални проблеми. – Проблемот е во тоа што ми недостигаат петмината најдобри. Голманот е суспендиран, а ми недостигаат двајца дефанзивци и двајца напаѓачи – коментира Реднап.
Поради црвениот картон на првиот натпревар против Интер во Милано, реваншот ќе го пропушти голманот, Еурелио Гомез. Во дефанзивната линија ќе недостигаат Ледли Кинг и Мајкл Доусон, а повредени се напаѓачите Рафаел ван дер Варт и Џермејн Дефо. Последен на списокот на повредени се најде Ван дер Варт, тој со повреда се здоби на саботниот натпревар против Манчестер Јунајтед.
– Ван дер Варт е исклучително квалитетен фудбалер, мислам дека заморот е причина за неговата повреда. Пред да дојде во Тотенхем тој немаше многу натпревари на кои играше во сите 90 минути, затоа е нормално да се случуваат вакви работи– додаде менаџерот на Тотенхем.
Ван дер Варт по доаѓањето од Реал во екипата од „Вајт Харт Лејн“ има постигнато пет погодоци на девет одиграни натпревари. Тотенхем во минатото коло загуби од Интер во Милано со 4:3. По три одиграни кола во А групата, во Лигата на шампионите, Интер е лидер со седум бодови, три повеќе од Тотенхем. На третото и четвртото место во оваа група се Твенте и Вердер со по два освоени бода.
“Извор Макфакс“
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com