Гигантите од Шпанија и Германија, Барселона односно Баерн Минхен се последните екипи кои го осигураа пласманот во топ 8 во Лигата на Шампиони. Каталонците билетот за завршниот турнир во Лисабон го чекираа преку Наполи, додека „баварците“ го поминаа лондонски Челси.

Барселона иако имаше позитивен резултат од првиот натпревар (1-1) не остави ништо на случајност и со триумф 3-1 ги елиминираше Наполи и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас кој одигра нешто повеќе од десеттина минути. Триумфот на Барселона го најави дефанзивецот Ленглет кој погоди со глава во 8-та минута од натпреварот. Меси на брилијантен начин го дуплираше водството на Барселона. Аргентинецот издржа дуел со неколку фудбалери на Наполи и успеа да го матира Оспина. Погодокот за 3-0 беше дело на Суарез. Уругваецот погоди од белата точка. Пред крајот на првиот дел Наполи намали на 3-1 со голот на Инсиње од пенал.

Минхенски Баерн рутински ја одработи својата задача против Челси во 1/8 финалето. „Баварците“ голема та предност (3-0) од првиот ја капитализираа со нов триумф (4-1) на Алијанц арената. Левандовски со два голови, Перишиќ и Толисо со по еден погодок го решија Челси. За „сините“ прецизен беше Абрахам.

Четвртфиналните мечеви ќе се играат од 12 до 15 август. Секој ден ќе има по еден натпревар.

Двојки 1/4 финале:

Аталанта – ПСЖ

РБ Лајпциг – Атлетико Мадрид

 

Барселона – Баерн Минхен

Манчестер Сити – Лион