Успешната авантура на Ајакс во Лигата на Шампиони продолжи, откако во 1/4 финалето го елиминираше Јувентус, додека Манчестер Јунајтед заврши со својот настап. Неприминлива пречка за „црвените ѓаволи“ беше Барселона.
Холандскиот клуб уште еднаш ги освои срцата на неутралните навивачи играјќи без респект против фаворизираниот Јувентус. „Старата дама“, добро почна и поведе со голот на Кристијано Роналдо, но и не продолжи во таков ритам. До крајот на првиот дел Ајакс изедначи и ги врати работите на почеток, бидејќи првиот меч заврши 1-1. Во второто полувреме Ајакс ја нагази топката и ги редеше шансите пред голот Шчезни. Полскиот голман капитулираше после ударот на Матијас де Лихт кој со глава ја затресе мрежата на домаќините. „Бјанконерите“ нападнаа, но не успеаја да направат шанса и да го загрозат голот на гостите.
Барселона рутински ја одработи својата задача и го елиминираше Манчестер Јунајтед со вкупен резултат 4-0 во 1/4 финалето. Каталонците не го започнаа мечот најдобро и гостите од Манчестер се заканаа преку Рашфорд и Марсијал. Првото невнимание на гостите со гол го казни Меси. Следуваше почетничка грешка на Де Хеа после ударот на Меси и дуплирање на водството. Печат на триумфот (3-0) стави Кутињо со маестрален погодок од 20-тина метри.
Во 1/2 финалето, Ајакс ќе се сретне со победникот од дуелот Манчестер Сити – Тотенхем (0-1), а Барселона со подобриот од натпреварот Порто – Ливерпул (0-2).
OhridNews