Рома – Манчестер јунајтед, Шалке – Барселона, се двата денешни меча (20.45 ч.) со кои почнува четврт-финалето на фудбалската Лига на шампионите. Финалето на елитното натпреварување се игра на 21 мај, во Москва. Се уште се свежи сеќавањата на навивачите на Рома кога лани беа понижени на Олд Трафорд со 7-1.

Кога на ждрепката слушнав дека играме против Манчестер, ги кренав рацете во воздух и тивко реков „Да. Конечно!“. Добиваме шанса да се реваншираме за болката што ја имаме во нашите срца уште од минатата сезона. Подготвени сме – вели тренерот на Рома, Лучано Спалети, кој се потсетува дека тоа било неговата најлоша вечер во кариерата. – Тогаш Манчестер упати 10 удари кон голот и постигна 7 погодоци – се сеќава Спалети.

Рома ќе почне без својот капитен и прв клупски стрелец Франческо Тоти (14 гола), кој е повреден. Рома ќе биде и без суспендираниот Симоне Перота, а неизвесен е Бразилецот Жуан (болки во стапалото). Рома има само една победа во последните три меча во Серија А, но е 4 бода зад лидерот Интер.

Манчестер е тимот со најдобар биланс сезонава во ЛШ. „Црвените ѓаволи“ имаат 6 победи и 2 реми, без пораз. Двете убедливи победи во Премиерлигата, против Ливерпул (3-0) и Астон Вила (4-0) покажаа дека напаѓачкото трио Роналдо, Руни и Тевес е во одлична форма. Рома на „Олимпико“ нема пораз во последните 9 евронастапи. На Манчестер не му оди во Италија – на 14 гостувања има 10 порази, 2 реми, 2 победи.

Шалке во Гелзенкирхен го пречекува фаворитот Барселона. Еден милион евра е премијата за играчите на Шалке за пласман во полуфиналето. Германскиот тим првпат по речиси 50 години е меѓу најдобрите 8 екипи. Има три победи и едно реми во Бундеслигата во низа.

Барселона е во криза. Не задржа водство од 2-0 против Бетис. Барса почна да паѓа по повредата на Лионел Меси, кој нема да настапи ниту вечерва. Меѓу стартерите ќе го нема ниту Роналдињо, кој остана во Шпанија.

ohridnews