Либералната партија (ЛП) денеска излезе со предлог закон со кој се забранува употребата на симболот Сонце од Вергина за државни цели, јавува „Макфакс“.
Од ЛП потенцирале дека ваквиот закон ќе резултира со унапредување на добрососедските односи со Грција и ќе се даде до знаење дека Македонија ги почитува меѓународните договори.
Според лидерот на ЛП, Ивон Величковски, актите од Привремената спогодба на кои се обврзала Македонија треба да се почитуваат, доколку земјава сака да постигне компромис со Грција, потребно е настрана да се тргнат идентитетските прашања.
„На овој начин Македонија ќе докаже дека не ги изигрува, туку дека ги почитува меѓународните договори. Бидејќи сме во фаза на решавање на спорот со Грција, овој импулс може да ја засили позицијата на Македонија и да помогне во постигнувањето на посакуваното решение“, изјавил Величковски.
ЛП бара употребата на симболот да се забрани во кабинетот на претседателот, во канцелариите на функционерите, на јавните манифестации организирани од државните институции или политичките партии, воспитно-образовните установи, верските и религиозните групи, здравствените установи, невладините организации и медиумите.
OhridNews
извор:„Макфакс“