ГРК Охрид денеска го официјализираше новото засилување, хрватскиот интернационалец, средниот бек Ловро Јотиќ.
Тој ќе биде „Гладијатор“ до 2026 година.
Среќен сум и задоволен што конечно пристигнав во Охрид. Бев примен од играчите и раководството на најдобар можен начин. Трет пат доаѓам во Македонија и затоа имам голема почит кон Македонците. Каде и да сум бил! Ме чека првиот тренинг со тимот и треба полека да се вклопам во тимот. Имаме многу работа, но мислам дека можеме да очекуваме добра сезона. Не сакам да давам големи најави, но ќе работиме да бидеме подобри од натпревар во натпревар и на крајот ќе видиме до каде сме и што направивме, изјави Јотиќ.
Јотиќ ќе биде големо засилување за ГРК Охрид кој во октомври има и европски предизвик, дотолку што одлично се познава со тренерот Стефче Алушовски.
Ја продолжуваме соработката воспоставена во Пелистер и Вардар. Добро ги познавам квалитетите на Јокиќ кој очекувам брзо да се вклопи во екипата. Тој е одличен човек со извонредни човечки квалитети, изјави Алушовски.
Никола Јотиќ минатата сезона ја заврши во хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице, a на почетокот на кариерата настапуваше во Умаг, Замет и Дубрава, пред да се пресели во Загреб. Следуваше првото интернационално искуство во данскиот Алборг, па камбек на една сезона во хрватската претстолнина. Организаторот на играта потоа мина две сезони во Македонија во Еурофарм Пелистер и Вардар, пред да следи преселба во бундеслигашот Лајпциг.
Г.М.