Оние кои планираа заседа за животните во строго заштитената зона на Националниот парк Галичица, паднаа во заседа на полицијата. Граничарите подолг период внимателно ги следеле криволовците кои преку нелегални планински патишта, добро опремени влегувале од Албанија на македонска територија да ловат животни.

Дека биле добро организирани говори и фактот што се превезувале со џипови, биле добро вооружени, но и подготвени на се штом се впуштиле во оружена престрелка со граничната полиција. За среќа во неа не настрада никој, а можеше. Приведени се двајца ловокрадци, останатите избегале, но веројатно ја сфатија пораката дека не ќе можат така лесно илегално да ја преминуваат границата и да убиваат заштитени животни. Ловот е строго забранет во националниот парк не само поради ретката фауна, туку и поради тоа што тука често се движат и луѓе кои сакаат да уживаат во природата. Доколку ловокрадците се толку дрски и лесно креваат оружје на полиција, што ли недај боже ги очекува обичните граѓани доколку случајно се сретнат со вооружените илегалци. Затоа е добро што полицијата вчера им одржа лекција на ловокрадците, но таа многу нема да промени доколку албанските институции не ги најдат и казнат непослушните и опасни граѓани, државјани на Албанија.

OhridNews