Ловиштето „Велешта“ кое е лоцирано во струшкиот ловен реон ќе бидe дадено под концесија на 10 години. Според јавниот повик кој вчера го објави Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се работи за ловно подрачје наменето за излов на ситен дивеч.

Освен во Струга, со овој јавен повик се даваат на концесија уште 11 ловишта во ловните реони во Кочани, Скопје, Делчево и Дебар.

Право за учество на повикот имаат сите домашни правни лица и сите странски правни лица кои имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно Законот за трговските друштва, кои ги исполнуваат условите од повикот, ќе подигнат тендерска документација и ќе поднесат понуда.

Рокот за поднесување на понудите е до 30-ти септември 2015 година, кога ќе следува и нивното јавно отворање.

Во тендерската документација се содржани податоци за ловиштата, времетраењето на концесијата, површината на ловиштата, износот на минималниот концесиски надоместок и останатите услови и критериуми кои треба да се исполнат.

OhridNews