Составот на Лихнид со пораз од Металург 2 (17-14) во Скопје го започна вториот дел од женската Пионерска лига.
„Китовите“ во текот на мечот имаа многу замерки за судењето, а после поднесоа официјална жалба од Ракометната федерација на Македонија.
– На натпреварот од шестото коло од женската пионерска лига против екипата на Металург 2 во Скопје се соочивме од крајно некоректно, нефер судење и дрско однесување на судиската двојка Александар Вукашиновски и Мирко Трајковски. Со ваквиот однос и начин на судење, никако не може да се придонесе кон унапредување на младинскиот ракомет на и онака тешката состојба на ракометните екипи во Република Македонија особено во женска конкуренција.
За нивниот однос на денешниот натпревар говорат осумте седмерци досудени за домашната екипа во само 27 минути игра на пионерски натпревар, што преставуваше скоро половина од постигнатите погодоци на домашната екипа. Седмерците се само мал дел од многуте сомнителни одлуки на судиската двојка.
Навистина е штета што натпреварот не се снимаше, па самите да се уверите на некоректните судиски одлуки. Во однос на денешното судење, изјава може да даде и делегатот Златко Локвенец кој на крајот на натпреварот и самиот призна дека имаше грешни судиски одлуки.
Не бараме никакви санкции, ниту за судиите, ниту за било кој. Со оваа реакција сакаме да придонесеме за изедначување на критериумите и коректноста на натпреварите. – стои во реакцијата на женскиот ракометен клув Лихнид.
За охриѓани ова е втор пораз во сезоната по кој ќе го загубат врвот на табелата во Пионерската лига.
OhridNews