Со одличните настапи на Светскиот куп во Унгарија и Германија во дисциплината кајак на мирна вода репрезентативецот Константин Дејкоски ја обезбеди потребната норма за учество на првите Европски игри кои ќе се одржат во Баку, Азербејџан од 12 до 18 јуни.

Дејкоски, кој десет години е дел од македонската репрезентација ќе се натпреварува во две категории 1000м и 5000м во кајак едносед. Тој се подготвува во својот роден град и има високи дострели за престојните игри во Баку.

– За моите подготовки сакам да упатам голема благодарност на Агенцијата за Млади и Спорт, Македонски Олимписки Комитет и Кајакарската федерација на Македонија. На моја голема радост и потреба, пред месец дена добив нов, најмодерен чамец. Години наназад тренирам во стар чамец и во лоши услови. Резултатите што ги имам забележано се голем успех, а се надевам дека во Баку ќе постигнам уште подобар резултат. – рече Дејкоски.

Водените спортови во Охрид и Струга се во немилост и само поради големата ентузијазност на натпреварувачите некако опстојуваат на спортската мапа.

– Нашата земја има одличен рејтинг во овој спорт и одлични пред услови за развој на кајак на мирна вода во која во минатото бевме доста добро рангирани. На наша штета кајакот на мирна вода и општо водените спортови се во голем пад. Учеството на Европските игри е голем предизвик за мене и општо за сите кајакари во земјата бидејќи таму ќе биде цела европска кајакарска елита. Добар резултат и пласман од таму ќе треба да биде дополнителен поттик за подобри времиња на водените спортови во охридско-струшкиот регион. – додаде Дејкоски.

Стружанецот заедно со седумте охридските спортисти се дел од 45-члената македонската експедиција која ќе се натпреварува на Европските игри во Баку.

 Mх.П.