На територијата на седум општини, кои се под надлежност на СВР Охрид, меѓу кои и епицентарот на корона вирусот во земјата, Општина Дебар, под мерка на здравствен надзор и домашна изолација, се вкупно 82 лица, информира денеска министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Лошата интерпретација во дел од медиумите дека оваа бројка се однесува само на Охрид, без да се прецизира дека всушност се работи за вкупен број на лица под надзор во општините Охрид, Струга, Дебар Центар Жупа, Вевчани, Дебрца и Кичево, предизвика паника во меѓу граѓаните на Охрид.
Во потрага по вистината и утврдување на точните факти, што е од исклучитечна важност во вакви, сензибилни моменти, OhridNews побара одговори од портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски. Тој потврди дека вкупно 82 лица се под мерка на здравствен надзор и домашна изолација во сите седум општини под надлежност на СВР Охрид, од кои само околу дваесет се во Охрид.
Досега спречени се 14 обиди за напуштање на периметарот на кризното подрачје (Дебар и Центар Жупа) без лекарска согласност, обезбедени и придружувани се 22 дотури на намирници на тетиторија на кризното подрачје, овозможен е непречен транспорт на пари до експозитурите на банките и банкоматите на кризното подрачје, а постојано се врши пренасочување на сообраќајот, при што пренасочени се девет патни правци и граѓаните редовно се информираат за состојбата во кризното подрачје. Само во два случаи дозволено е напуштање на кризното подрачје со лекарска согласност на две бремени жени. – истакна денеска на прес конференција министерот Чулев.
Властите апелираат до граѓаните да ги проверуваат информациите кои се пласираат во јавност и да не им веруваат на извори кои шират непроверени вести полни со сензационализам, тенденциозност и шпекулации, за да се спречи непотребно ширење на паника. Дополнително тие ги охрабруваат надлежните институции најостро да го санкционираат ширењето лажни вести во време на криза, дотолку повеќе што најголемиот дел од медиумите професионало и одговорно информираат за ситуацијата со корона вирусот.
Министерот Чулев, пак, апелираше до граѓаните стриктно да ги почитуваат препораките и мерките на Владата, потенцирајќи дека МВР презема мерки со цел да го заштити животот и здравјето на граѓаните.
Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните да не патуваат надвор од државата. Од страна на министерството отворена е бесплатна линија преку која граѓаните ќе можат да се информираат за сите активности што ги презема министерството и тоа на телефонскиот број: 080 000 201, како и преку е-маил адресата [email protected]“. – нагласи министерот Чулев.
Г.М.