Двајца жители од градот Сатерленд Спрингс станаа херои кога успеаја да спречат уште поголем масакр во црквата во Тексас каде што вооружен напаѓач уби 26 лица. Девин Кели пукаше од полуавтоматско оружје во луѓе за време на миса во баптистичката црква, а уште поголема трагедија спречи локалниот жител Стивен Вилфорд (55), кој по занимање е водоводџија. Него го повикала ќерка му, која му рекла дека маж со панцир пука во луѓето што биле собрани во локалната црква. Како што е соопштено од страна на локалните медиуми, Вилфорд немал воено искуство, но бил одличен стрелец. Штом го добил повикот од ќерката, ја зел пушката и отишол во црквата, каде што со првиот истрел го погодил Кели на место каде што не бил заштитен од панцирот. Тогаш на напаѓачот му паднала пушката и отрчал кон своето возило и почнал да бега. Храбариот Вилфорд не се откажал и влегол во камионет на друг мештанин, Џони Лагендорф, по што следувала потера по локалните патишта.
„Застанав на една раскрсница кога видов дека пред мене се одвива престрелка со огнено оружје. Вилфорд вооружен влезе во моето возило и набрзина ми објасни што се случува. Знаев дека мора веднаш да тргнам”, рече Лагендорф. Како што вели тој, бркотницата траела неколку минути со брзина поголема од 150 км/ч сè додека напаѓачот во една кривина не изгубил контрола над возилото и излетал од патот. Набргу пристигнала полицијата, но напаѓачот веќе бил мртов. Се претпоставува дека искрвавил до смрт, иако не се исклучува и можноста дека на крајот сам си пресудил. „Застанав со камионетот, а господинот излезе надвор и ја зеде пушката“, рече Лагендорф.
Како што наведуваат сведоците, напаѓачот бил во полна борбена опрема и испукал повеќе од 30 куршуми од полуавтоматско оружје.
Во Тексас се применуваат многу либерални закони за оружје, па не е проблем да се купат пиштоли, пушки и муниција без дозвола, а единствен услов е муштеријата да има најмалку 18 години.
Личното оружје е дозволено да се носи и во возило без посебна дозвола, а за носење на видливо место потребна е посебна дозвола, таканаречена дозвола за носење.
OhridNews
Макфакс