„Функционерите постојат заради граѓаните и работат за нивно добро- граѓаните не постојат заради функционерите и не работат за нив.“
Ова е едно од начелата на Етичкиот кодекс на локалните функционери кој денеска беше промовиран во Охрид. На регионалната промоција присуствуваа градоначалниците на Охрид и Ресен, Александар Петрески и Димитар Бузлески, како и претставници на општините Струга и Дебрца.
„Кодексот се однесува на сите локални функционери. Во него нема санкции туку има морални вредности кои треба да ги применуваат локалните функционери, затоа што моралот некогаш е поважен од законите“, истакна Фатмир Муса од УНДП. Оваа организација го изработи етичкиот кодекс за локалните функционери во соработка со ЗЕЛС. Етичкиот кодекс досега го имаат усвоено 40 општини, меѓу кои и општина Охрид.
„Изработката на кодексот е најдобар начин за да се потврди дека етиката како збир на морални норми не е некаква наука чии принципи не можат да се применат во секојдневието. Напротив секојдневието и работата на секој еден локален функционер се темелат на моралните норми што се прифатени во една заедница, рече во своето обраќање градоначалникот на Охрид Александар Петрески. Тој напомена дека локалните функционери секојдневно треба да ги практикуваат моралните норми зошто не постојат закони и совршен начин на санкционирање на недозволеното однесување.
Александар Петрески
Општинските функционери се функционери на граѓаните, а не на одредени групации кои што застанале зад нив, истакна градоначалникот на Ресен Димитар Бузлески, според кого моралните вредности всушност и го чинат еден локален функционер.
Димитар Бузлески
На промоцијата на Етичкиот кодекс на локалните функционери присуствуваа претставници на градскиот совет и вработени во локалната администрација. Тие го поздравуваат носењето на етичкиот кодекс за локални функционери, но сметаат дека неговата примена зависи од секој еден вработен во локалната администрација поединечно. Потребно е да не ги заборавиме темелните вредности и истите почесто да ги применуваме во секојдневното работење, смета советникот Иван Огненов. Советничката Поликсена Проева смета дека општинскиот Совет, но и во државата воопшто се’ повеќе се почитуваат етичките норми. Сепак таа вели дека имало случаи кога и Советот некогаш носел неморални одлуки, во кои како што рече таа не учествувала.
Поликсена Проева
Промоцијата на етичкиот кодекс по Охрид деновиве ќе продолжи во другите општини од земјава.
Горан Момироски
Васко Бујароски