Локалниот Совет на млади од општина Дебрца реагираше на соопштението на општинската организација од СДСМ кое беше испратено до медиумите.

-Како членови на Локалниот Совет на млади на општина Дебрца, сме згрозени од фактот што сме прозвани дека претставуваме продолжена рака на УМС на ВМРО ДПМНЕ. Би сакале да истакнеме дека ние сме избрани врз основа на конкурс од страна на Градоначалникот на општина Дебрца, Игор Трајкоски, кој беше објавен во пишани медиуми, на кој што имаа можност да се пријават сите заинтересирани млади лица од општина Дебрца. Тоа не беше конкурс отворен за членови на УМС на ВМРО ДПМНЕ, туку за сите млади луѓе во општина Дебрца! Впрочем, четири од пет членови на Локалниот совет на млади на општина Дебрца, воопшто не се членови ниту на една политичка партија, велат од Советот на млади од Дебрца.

Оттаму потенцираат дека Советот на млади на општина Дебрца, не треба да биде користен за партиски преписки и заработување на партиски поени.

-Ние стоиме на располагање на сите што и мислат добро на нашата општина и сме отворени за секаков вид на соработка со сите институции и луѓе, независно од нивната политичка, верска и етничка припадност. Ние не сме ниту за ВМРО ДПМНЕ, ниту за СДСМ. Ние сме за Дебрца, пишува во писмената реакција.

OhridNews