Во пресрет на православниот празник Св. Еразмо Охридски, Кризниот штаб на Општина Охрид упати апел до верниците да се воздржат од масовни собири во предвечерието и денот на самиот празник и да ги почитуваат сите препораки за заштита и превенција од Корона вирусот „Ковид 19“.
Поради континуираниот пораст на позитивни случаи од вирусот на подрачјето на Општина Охрид, локалниот кризен штап апелира до сите жители и посетители во градот, максимално да се придржуваат до сите мерки за заштита: Да се носат заштитни маски; Да се одржува потребна дистанца; Да се одржува лична хигиена според препораките; Да не се организираат семејни собири и други слични групирања.
Дебарско – кичевската епархија, пак, најави дека за време на претстојниот празник на светиот свештеномаченик Еразмо Охридскиот Чудотворец, ќе има богослужба во манастирот посветен на големиот светител, а храмот ќе биде отворен за верниците, со апел тие да ги почитуваат мерките за заштита и спречување на ширење на коронавирусот.
Поради настанатата состојба со корона вирусот КОВИД-19, ги известуваме верниците кои сакаат да дојдат во манастирот и да се помолат на големиот светител, дека ќе мора да се придржуваат кон мерките на Владата за спречување и ширење на вирусот, што подразбира носење на заштитна опрема (маска, марама, шал и слично), како и држење на определеното растојание. Истовремено, Ве известуваме дека оваа година нема да се поставуваат тезги во манастирскиот двор.– соопшти Дебарско – кичевската епархија.
Од епархијата информираат дека на 14 јуни во 19.00 часот ќе биде отслужена Празнична вечерна богослужба, а на 15 јуни во 07.30 часот ќе започне Утрената богослужба, додека пречекот на Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски ќе биде во 08.45 часот. Светата архиерејска Литургија ќе започне во 09.00 часот, велат од канцеларијата на Дебарско-кичевската епархија Охрид.
OhridNews