Денеска во Црна Гора се одржуваат локални избори, а освен граѓаните на Подгорица, локалната власт ќе ја изберат и граѓаните на Бијело Поље, Бар, Будва, Даниловград, Жабљак, Зета, Колашин, Пљевља, Плав, Плужине, Рожај, Тиват и Шавник.
Право на глас имаат околу 345.000 гласачи, што е околу 64 отсто од вкупното избирачко тело во државата, учествуваат околу 100 изборни листи, а се избираат 481 советник.
Локалните избори се одржуваат во време кога Уставниот суд е блокиран, владата е со технички мандат, а во процедура е и иницијативата за разрешување на Мило Ѓукановиќ од функцијата претседател на Црна Гора.
Изборите во Подгорица и уште 13 општини ќе бидат најголемиот тест за довербата на граѓаните во политичките партии по парламентарните избори во 2020 година, кога се смени власта во Црна Гора.
Во сите градови ќе се натпреваруваат двата политички блока кои со години доминираат во Црна Гора.
На едната страна се партиите кои владееја на државно ниво до изборите во 2020 година, предводени од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ. Во повеќето општини настапуваат коалициски.
На другата страна се победничките партии на изборите во 2020 година, предводени од просрпскиот Демократски фронт (ДФ), Демократите и Граѓанското движење Ура. Тие настапуваат главно разединети.
Главната битка е за Подгорица, со која повеќе од 20 години управува Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ, во чии редови е и актуелниот градоначалник Иван Вуковиќ.
OhridNews