Политичките партии и независните кандидати и листи ги најавија своите активности во кампањата за Локалните избори 2021, закажани за 17 октомври, иако најголем дел од кандидатите за градоначалници и советници во изминатите месеци веќе имаа неформални средби со граѓаните и претставување на своите програми на социјални мрежи.

Најголемите партии и коалиции кампањата ја почнуваат речиси традиционално од истите градови.

ВМРО-ДПМНЕ кампањата за локалните избори ќе ја води под слоганот „Создади нова иднина“, а ја почнува со собир во Античкиот театар во Охрид, каде ќе биде претставен кандидатот за градоначалник на Охрид Кирил Пецаков.

СДСМ во Охрид стартува со прес конференција претпладне, на која ќе се обрати кандидатот за градоначалник Константин Георгиески, додека централниот настан на караванот „Најдоброто за твојата општина“ предводен од СДСМ е закажан вечерва во Битола.

Граѓанската листа „Охрид пред се“ предводена од Димитар Велјаноски, кампањата ја започна со промоција на видео спот. Иницијативата „Охрид пред се“ најавува креативна и позитивна кампања и промени во политичкото делување во Советот на Општина Охрид, за кој претендираат рекордни 11 лисити, од кои три се независни.

Активности на првиот ден од кампањата најави и независната советничка листа предводена од Антонио Наумоски, „Охрид има План Б“, која ќе ја започне кампањата за локалните избори 2021 година со посета на
компанијата ODW Electric.

Во Дебрца на овие избори иматројца кандидати за градоначалник. Од СДСМ и коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ се кандидира Игор Крцоски, од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“ е кандидатот Сашо Силјаноски, а како независен се кандидираше актуелниот градоначалник Зоран Ногачески.

Шест носители на листи во општина Дебрца.  Листата од СДСМ и коалицијата ја предводи Ромео Печоски, од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Илчо Алексоски, од Единствена Македонија Трене Блажески и поднесени се две независни листи каде носители се Александар Николоски и Димче Андрески, како и Движење одлучно за промени предводена од ЛДП и ДОМ, чиј ностел е Даниел Огненоски.

На Локалните избори закажани за 17 октомври 2021 право на глас во државава имаат 1 824 864 граѓани. Во Охрид запишани се вкупно 52.477 гласачи, додека во Дебрца 4.350 гласачи.

Избирачкиот список беше заклучен на седница на ДИК, а најдоцна на 1 октомври односно 15 дена пред денот на одржувањето на изборите, ДИК треба да го потпише заклучениот Избирачки список и изводите од него.

Кампањата и за локалните избори ќе биде набљудувана од страна на претставици на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, како и други организации. Рокот за акредитација на набљудувачи за изборите завршува на 6 октомври.

Вториот круг од локалните избори, доколку е потребно, ќе се одржи на 31 октомври, а кампањата за втор круг ќе трае до 29 октомври на полноќ.

OhridNews