Згради на локални и национални установи, споменици, објекти, дуќани во охридската и струшката чаршија се осветлени во боите на ретките болести кои во февруари се придржуваат на светската кампања за запознавање на ретките болести.

Самоиловата тврдина во соработка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид ќе биде осветлена цел  февруари во знак на поддршка на пациентите кои се борат со ретки болести. Како и изминатата, така и оваа година токму овој значаен објект беше прв во светот осветлен и објавен на официјалната страна на Rare disease day, вели Гордана Лолеска, претседател на здружението „Ретко е да си редок“.

Кон повикот  за илуминација во боите на ретките болести беа обоени и општинските згради на Охрид, Струга и Дебрца, како и објекти на приватни стопанственици во охридската чаршија.

Покрај зградата на Општина Струга, во текот на овие 10 дена од кампањата, во градот се осветлија многу значајни споменици и објекти како што се: џамијата Мустафа Челеби, Спомен куќата на браќата Миладиновци, Споменикот на Pеволуцијата, Споменикот на Мајка Тереза, реката Црн Дрим. До крајот на кампањата, стружани најавуваат дека ќе бидат осветлени уште многу објекти. Хотелот „Београд“ во Струга веќе втора година е поддржувач на кампањата, додаваат од Здружението „Ретко е да си редок“. 

Името на годинешната кампања на светско ниво е #LightUpForRare е која има за цел да ја подигне свеста и солидарноста кон лицата кои страдаат од ретки болести, нивните семејства и негуватели, здравствените работници, истражувачи, претставници на индустријата и на општа јавност. Како Ден на ретките болести се одбележува 28 февруари и по тој повод, од здружението ги повикуваат граѓаните да дадат свој придонес во кампањата.

Оваа година за Денот на ретките болести 2022 година ги повикуваме сите да и помогнат на заедницата за ретки болести да се обедини со ланец светла низ целиот свет. Овој синџир на осветлени објекти ќе послужи како еден од симболичните начини за кршење на изолацијата на глобално ниво. Но, секако дека не застануваме тука, па затоа Ве повикуваме да ни се придружите, да осветлите некој објект или да ни дадете предлог за илуминација на некоја зграда, споменик и сл.. Повеќе осветлени локални и национални згради и споменици, го зајакнуваат меѓународното влијание, вели Лолеска.

Сите кои сакаат да се вклучат во кампањата, тоа можат да го направат на следниот начин:

  • Изберете боја од видеото
  • Во затемнета просторија прикажете на екранот на вашиот лаптоп или телевизор,
  • Фотографирајте и споделете на социјалните мрежи со #LightUpForRare.

Националната кампања  „Ги запознаваме ретките болести 2022“ од први февруари се емитува на медиумите во цела Македонија, и за овој десетдневен период наиде на позитивни критики за текстовите и видеата кои се изработени за секоја поединечна дијагноза на македонски и албански јазик.

 

OhridNews