Откако „Ohridnews“ објави дека „Авалон“ продукција покренала судска постапка против  Општина Охрид за наплата на средтвата предвидени  со договор за настапот на Каролина Гочева и групата „Ареа“ на дочекот на ланската Нова година, локалната самоуправа најави дека денеска ќе излезе со официјален став за случајот. Градоначалникот Александар Петрески во кус разговор со репортерот на „Охриднењс“ вчера на промоцијата на Јубилејниот зборник „25 години митрополит Тимотеј“ изјави дека аргументите на „Авалон“ не држат, затоа што Каролина и „Ареа“  пееле плејбек на дочекот на Новата година лани, поради што локалната не ги подмирила обврските кон изведувачите.

Петрески најави дека општината денеска ќе излезе со официјално соопштение за да ја запознае пошироката јавност со настанатиот проблем.

Како што веќе објавивме „Авалон“ продукција покренала судска постапка против Општина Охрид за наплата на парите од настапот на нивните ексклузивци во Охрид, за што, како што тврдат сопствениците на продукцијата, браќата Даниел и Бобан Милошески, судот во Охрид донел правосилна одлука во нивна корист која општината ја обжалила пред Апелација.

„Донесена е пресуда од страна на општински суд Охрид во наша корист, а истата е тотално нерезонски обжалена од нивна страна иако имаме валиден писмен договор. Класично купување на време и брука невидена. Во 15 години работа на „Авалон“ по некоректно никој со нас не се однесувал, а ние во Охрид ги носевме „Леб и Сол“ а за Брајан Фери и да не зборуваме. Тоа е, ги жалам тие што ќе настапуваат оваа година, ако воопшто такви и има!“, изјави за „Охриднењс“, Бобан Милошески од Авалон.

Од Локалната самоуправа тврдат дека спорот со „Авалон“ нема да влијае на организацијата на дочекот на Ниова година во Охрид и дека финишират преговорите со неколку музички ѕвезди за настап на градскиот плоштад на 31 декември.  Изборот е  стеснет бидејќи „Авалон“  продукција  е ексклузивен застапник на повеќе музички ѕвезди од земјава.

Горан Момироски