По повод Светскиот ден на хендикепираните -3ти Декемви, претставници на здруженијата на хендикепирани и инвалидизирани лица од Охрид денеска имаа заедничка средба со градоначалникот, Александар Петрески.

На средбата тие ги изнесоа своите забелешки и конкретните проблеми со кои се соочуваат во секојдневниот живот. Притоа беа и поздравени активностите  на општината во насока за полесен пристап на инвалидизираните граѓани до органите на локалната власт, како што е и изградбата на посебна лесно пристапна просторија за сервис на граѓаните, која во употреба треба да биде пуштена до крајот на оваа календарска година.

Градските власти најавија дека и натаму ќе ги помагаат здруженијата на хендикепираните во рамки на своите можности.

“Иако во првата фаза од децентрализацијата не се издвоија поголеми
средства за финансиска помош на Здруженијата на лицата со хендикеп,
сепак општината направи многу ” рече градоначалникот Александар
Петрески на средбата со  претставници на
здруженијата лицата со посебни потреби.


Градоначалникот денеска најави дека продолжува проектот  за
неколкучасовно ангажирање на лице во општината кое комуницира со
јазикот на знаците и дека во општината ќе биде изградена посебна
просторија за да им се олесни пристапот на инвалидизираните лица.

До крајот на месецов во употреба ќе биде предадена и просторијата на
здружението ,,Порака”. Петрески вети дека Локалната ќе се залага да им
се олесни движењето на инвалидизираните лица.  Според Петрески, единствено, соработката со Здружението на родители на
деца заболени од церебрална парализа не е на завидно ниво зашто, како
што рече, оваа невладина организација често се претвора во фирма која е
под влијание  на одредени политички партии и игри.


 
Одделно, Здружението на родители на деца заболени од церебрална парализа од Охрид традиционално Светскиот ден на хендикепираните денеска го одбележа со свечен ручек за членовите на здружението, на кои им беа доделени пригодни подароци.

Ohridnews