Од локалната самоуправа информираат дека во тек се интензивни разговори со Министерството за транспорт и врски околу иницијативата за градење пешачка патека од градското пристаниште до Канео, проект за кој се обезбедени средства од буџетот на Република Македонија.
Градоначалникот Никола Бакрачески најави дека прво детално ќе се разгледа проектот на Министерството за транспорт и врски и неговата намена, а потоа ќе се отвори поширока експертска и јавна дебата, бидејќи по најавата на овој зафат има различни мислења меѓу граѓаните на Охрид.
– Ние во текот на наредната недела ќе имаме состанок со претставници од Министерството за транспорт и врски кои всушност се иницијатори на овој проект и кои што обезбедија средства за изградба на пешачката патека за која што во овој момент можам да кажам дека охриѓани имаат различно мислење. Голем дел од нив од одамна бараат нејзина изградба, а помал дел од нив имаат негативно мислење за проектот . Ние сепак првично ќе ги разгледаме заложбите на Министерството за транспорт и врски, ќе видиме како ќе изгледа проектот и каква ќе биде намената, па дури потоа можеме на некој начин во една поширока дискусија со граѓаните на Охрид ја разгледаме оваа идеја и потоа да ја реализираме, изјави градоначаникот Бакрачески.
Од локалната самоуправа деновиве најавија уривање на „Мостот на желбите“ кој води до населбата Канео, со објаснување дека станува збор за објект дивоградба.
OhridNews