Во пожар кој се случи викендов до темел изгоре домот на охриѓанецот Димче Мармачоски. Пламените јазици уништиле се, а нему му останала единствено облеката што ја имал на себе кога избил пожарот.
– Бев до продавница. Кога се вратив, веднаш штом ја отворив вратата и сакав да влезам во кујна од десна страна видов пламен. Во паника избегав во другата соба, кога комшијата почна да вика јас уште бев внатре. По неколку минути излегов надвор и тогаш наеднаш се вивна да гори. Во прв момент немавме ни од каде да се јавиме во Противпожарната служба, телефон побаравме од едни деца кои тука минуваа, раскажува Мармачоски, кој по смртта на својата сопруга живее сам издржувајќи се со пензија од 5000 денари.
Опожарената куќа на Мармачоски денес ја посети градоначалникот Никола Бакрачески со неговите најблиски соработници. Тие ветија дека Мармачески ќе добие привремено престојувалиште, како и дека од страна на локалната самоуправа ќе му биде дадена финансиска и материјална помош со цел што поскоро да се врати во својот дом.
– Во координација со Црвен крст и месната заедница најдовме времено сместување, бидејќи засега нема услови за живеење во објектот. Временото сместување ќе биде додека трае проценката на штетата и додека не се изврши реконструкција на домот, за што ќе бидат преземени сите мерки и активности за што поскоро санирање на штетата за нашиот сограѓанин побрзо да се врати дома. Најверојатно ќе биде сместен во простории од месната заедница, доколку се најде посоодветно решение ќе се премести, во секој случај ќе се води сметка просторот да ги има минималните стандарди за сместување, рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Градоначалникот нагласи дека локалната самоуправа ќе им излезе во пресрет на сите граѓани чии домови биле опожарени во последните две години, како и на оние граѓани за чие обесштетување била донесена одлука од страна на екс локалната власт, но не била реализирана.
Т.К.