Советот на општина Охрид донесе уште една одлука за подмирување на долгот за потрошена електрична енергија на ОУ „ Григор Прличев“ кон ЕВН со цел да не дојде до ситуација како минатогодишната кога во месец ноември училиштето остана без струја поради неплатен долг. Сметката на училиштето и понатаму останува блокирана , поради што, за да се овозможат нормални услови за работа во училиштето долгот мора да го подмири основачот, односно локалната самоуправа.
– Процесот не е во наши раце,но се трудиме да го решиме. Секогаш преговорите изгледаат извесни, но потоа се јавува нешто кое ги изјаловува, дали тоа е рокот на исплата на долгот, можноста да се исплати земјиштето. Градоначалникот секогаш работи со рокови кои може да ги почитува, не би сакал да презема обврска со рокови кои потоа финансиски не би можеле да се почитуваат. Ние мораме да разговараме за исплата на долгот на рати, а доверителите веројатно низ годините имаат недоверба кон иституциите и нормално е да сакаат што побрзо да наплатат долг за пократок рок. Се надевам дека ќе изнајдмее соодветно решение, вели секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески.
Училиштето има блокирана сметка од март 2014 по основ на судско извршно решение за исплата на надоместок за експропријација извршена во 1989 година во дворот на училиштето, имот во државна соспственост, а чиј корисник е ОУ „ Григор Прличев“.Од тие причини сметката е блокирана и училиштето не е во можност да ги подмирува обврските за потрошена електрична енергија.
Т.К.