Исполнување на препораките на УНЕСКО и имплементација на Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион е врвен приоритет и од тоа нема отстапување е заеднички став на централната и локалната власт.
Ова го потврди и министерот без ресор, задолжен за дијаспората и претседател на Националната комисија за УНЕСКО, Едмонд Адеми, кој деновиве заедно со градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески извршија увид на работните активности за уредување на крајбрежјето на Охридското Езеро, каде што минатата седмица се вршеше отстранување на урбана опрема и бесправни градби кои се надвор од опфатот на Генералниот урбанистички план.
Во рамки на уредувањето беа ангажирани екипи на сите општински јавни претпријатија, при што се изврши подигнување на градежниот шут и несоодветниот материјал, а планирани се и активности за насипување и уредување на плажата со соодветна речна песок, информира локалната самоуправа.