Локалната храна произведена од автохтони намирници е најбезбедна за консумирање, порачуваат експертите по безбедност на храна. Освен што не се загадени, локалните производи се најсоодветни на веќе создадената микрофлора во самиот организам, што е од исклучителна важност за здравјето, велат тие.
И Светската нутриционистичка организација препорачува граѓаните во Македонија да јадат храна произведена тука, карактеристична за ова поднебје. Да се избегнуваат помодарски навики на консумирање продукти, на пример, свежа или сушена морска риба, морски плодови, кога се знае дека Македонија не излегува на море и оттаму нашата цревна флора не е навикната на таква храна. – истакна проф. Владимир Какуринов – експерт за безбеднист на храна.
Според Какуринов, луѓето треба да се свесни и соодветно да се информираат каква храна консумираат, да не користат совети од социјалните мрежи и интернет туку да ги читаат декларациите на прехрамбените производи кои ги купуваат. Ова дотолку повеќе што на пазарот постојат голем број производители, а надлежната агенција за контрола на храната не може да земе примероци од секој производ, туку тоа го врши со мостри по случаен избор, што, како што рече, е само околку два проценти од севкупната понуда.
Лекарите, пак, предупредуваат на значително зголемување на бројот на малигни заболувања на дебелото црево кај нас, што, според нив, во голема мера се должи и на исхраната.
Параметрите покажуваат зголемување на бројот на пациенти со малигни заболувања, конкретно на дебелото црево, што е последица на повеќе фактори, од нездрави животни навики, но секако и од несоодветна исхрана. Наспроти периодот од пред дваесеттина години кога годишно беа регистрирани до 150 пациенти со дијагностициран карцином на дебело црево, сега тој број достига околу 500 случаеви на годишно ниво. – укажува д-р Џенгис Јашар – специјалист по патологија и универзитетски професор.
Експерти по безбедност на храна, лекари, професори, претставници на референтни институции, истражувачки центри за храна од целиот свет учествуваат во работата на мултидициплинарниот Конгрес на тема „Квалитет и безбедност на храна, здравје и нутриционизам“ што по шести пат се одржува во Охрид.
Г.М.