Потребни се Дневен центар за деца со посебни потреби, пристапни рампи и патеки за лицата со посебни потреби не само во центарот на Охрид туку и пошироко на територијата, измени во конкурсот за доделување на ученички стипендии на лица со посебни потреби, но и помош на родителите во однос на процедурата за вадење на документ за категоризација на децата со посебни потреби.

Во однос на образовните институции потребно е да се продолжи со инвестирање во обновување на инфраструктурата на училиштата, иако многу е направено изминатиов период, но и да се превземат мерки за одредени училишта за кои е потребно реновирање кое од одредени институционални причини досега не е овозможено, потребно е обезбедување на училишата односно чуварски служби, да се продолжи финансиската поддршка за изнајмување на спортските сали преку субвенционирање на спортски клубови за одржување тренинзи во рамки на училишните сали, се само дел од изнесените мислења на засегнатите страни на Јавна трибина на тема: „Активностите во образованието, детската и социјална заштита предизвик на општина Охрид во 2022 година“.

Претставникот од општина Охрид, Димитар Спасески, од Секторот за образование, детска, здравствена и социјална заштита на денешната одржана трибина, истакна дека целта беше да се соберат што повеќе информации од релевантните чинители во однос на потребите и состојбите во областа на образованието, социјалната и детска заштита, потенцирајќи ја и новината што ќе биде воведена.

Секторот за образование одлучи да воведе еден поинаков пристап во однос на изработката на програмите и проектите за работа во наредната 2022  година. Трите програми за основно, средно образование и детска градинка ќе се годишни Програми, меѓутоа програмите кои овозможуваат капитални инвестиции во однос на основно, средно и детска градинка ќе ги направиме Развојни Програми 2022 -2025 година. Со тоа повеќе ќе имаме можност да се отвориме и кон одредени донатори кои размислуваат на проектна база да ни финасираат некакви активности и ќе е многу полесно за работа и од аспект на самата општина, затоа што капиталните инвестиции се поврзани со процеси на планирање, проектирање, урбанистички план. Затоа нема да ги ограничиме на годишно ниво, туку ќе направиме тригодишна развојна програма со која што ќе ни биде многу полесно да ги работиме, рече Спасески.

Додаде дека наследени се многу проекти кои се изготвени, а некои се во фаза на реализација. Општина Охрид голем дел од сопствениот буџет издвојува и ги вбризгува во образование, блок дотациите се на ниво на кое се и најголем дел се искористени за плати, меѓутоа се наоѓа разбирање со сите градоначалници и се добиваат дел од општинските средства кои реално овозможуваат да се реализираат проектите.

Рокот на кој Нацрт Програмите ќе треба да се најдат пред Советот на општина Охрид е околу 29 ноември. Откако ќе ги одобри Советот Нацрт Програмите и Нацрт Буџетот ќе бидат објавени на Јавна дебата некаде десетина дена, со што ќе има уште една можност за интервенција со сугестии и идеи некаде до 6 декември согласно буџетскиот календар, кој Советот ќе треба да го донесе на една од следните седници за да тие активности станат конечни на крајот на декември кога ќе се донесе буџетот и Програмите. За да ја одредиме рамката на буџетот го правиме овој консултативен процес, да видиме што е она што како идеја и проектна документација имаме можност да го сработиме, па дури на крајот ќе оди во Секторот за финасии кон буџетирање. Но, значајно во овој дел е дека многу порано од досега влегуваме во консултативен процес. Дополнително, добиваме континуирано барања од институциите за тоа што е тоа што им треба и им е предизвик за 2022 година и од сето тоа заедно ќе го искреираме буџетот, додаде Спасески.

Јавно објавивме и јавен повик од областа за социјалната заштита со цел да ги повикаме субјектите кои работат на тоа поле да аплицираат со предлози и идеи до нас кои во 2022 година би можеле да бидат дел од Програмата за социјална заштита. На тој начин преку една транспарентна, отворена и инклузивна постапка планираме буџетот да го донесеме до граѓаните да е поблизок до нив, додаде Спасески.

Н.С.Ј