Според најавите од градоначалникот Петрески, коловозите на улиците „Димитар Влахов“ и „Македонски просветители“ во иднина ќе се прошируваат со кратење на тротоарите и сечење на дрвата. Како што потенцира првиот човек на градот, тоа ќе се прави во интерес на граѓаните. “Наша идеја е да ги смениме постојните дрва затоа што прават проблеми, пред се поради лепливата течност која ја испуштаат, како и поради големите корења кои го уништуваат тротоарот. Со сечењето на липите, нема да се предизвика штета на зелениот појас, дури и ќе го има во поголема мера. Во план е на нивно место да засадиме друг вид дрва, како што се јапонски цреши” , вели Петрески.
Граѓаните револтирано коментираат дека тие што ги прават плановите за сечење на дрвата низ градот се движат само со автомобил, па затоа и не почуствувале што значи на 30 или 40 степени во лето да се движиш по улица на која воопшто нема сенка од дрва. Додаваат дека навистина е жално она што во последно време се случува со дрвата во градот, кои постојано се сечат и уништуваат заради потребите од областа на урбанизмот.
Истовремено, голем број станбени објекти во централното градско подрачје, никнуваат без соодветен број паркинзи. Во зграда со десет станови, во дворното место може да се заблежи паркинг простор за три, до четири возила.
Началникот на Секторот за урбанизам, Бранко Арнаудоски, вели дека за да се издаде една дозвола за градење, во проектот мора да се предвидени соодветен број паркинзи, зависно од бројот на становите во објектот. Арнаудоски објаснува дека сообраќајниот хаос во градот и недостигот од паркинг простор во голема мера ќе се реши со изградба на неколку катни гаражи и тоа: во близина на Горна Порта, градскиот пазар, некогашниот полигон за мали спортови, старата локација на автобуската станица, како и во близина на спортскиот центар Билјанини извори.
За потсетување, изградбата на катни гаражи се најавуваше уште пред 5 години.