Во пресрет на Европското првенство во ракомет за жени, што од 2-14 декември ќе се одржи во Скопје и Охрид, јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти „Билјанини извори“ со поддршка на локалната самоуправа денеска отпочна кампања за анимирање на јавноста за големиот спортски настан.


-Во рамки на кампањата наредната недедела ќе биде презентиран планот за евакуација на спортската сала во Охрид, изработен во соработка со општинскиот Црвен крст. Исто така ќе биде одржан турнир во ракомет за млади категории, на кој ќе учествуваат екипи од Охрид, Струга, Ресен и Прилеп. На 28 ноември во спортската сала „Билјанини извори“ ќе се одржи отворен ден. Граѓаните тогаш ќе можат да се запознаат со подготовките на салата за најголемиот спортски настан одржан некогаш во Охрид. Кампањата ќе заврши со голема забава која ќе помине во знакот на ЕП, истакна директорот на ЈП „Билјанини извори“, Иван Цветкоски.


Задоволни од сработеното

Пред нас е голем настан на кој верувам дека Охрид ќе се претстaви како добар домаќин, истакна градоначалникот Александар Петрески. Тој напомна дека високите критериуми поставени од ЕХФ со вонредни залагања се исполнети и дека спортската сала во Охрид е подготвена за настанот. „Покрај спортската димензија ЕП ќе претствува одлична можност за туристичка промоција на градот, со оглед на тоа дека во Охрид ќе гостуваат европски ракометни велесили и се надевам дека охриѓани како и во минатото со своето добро однесување ќе придонесат за успешна организација на ЕП“, рече Петрески.


Андоноски промотор на ЕП

Промотор на кампањата е поранешниот истакнат ракометен репрезентативец, Горан Андоноски. Охрид за прв пат ќе биде домаќин на големо натпреварување како што е ЕП во ракомет за сениори. Наша цел ќе биде во наредниот период да ги анимираме граѓаните на Охрид што значи одржувањето  на ЕП во Охрид, бидејќи тука ќе бидат присутни познати европски медиуми и треба да направиме се  да се претставиме во добро светло, рече Андоновски.

Во рамки на кампањата чиј медиумски покровител е Ohridnews ќе биде подготвена специјална потстрана на која редовно ќе се ажурираат информации за ЕП, а ќе биде организирана и наградна игра во која десет најсреќни читатели ќе добијат 10 дневни карти.

Мирко Постоловски
Горан Момироски