Пожарот што вчера избувна на тромеѓето меѓу селата Ботун, Злести и Белчишта во Дебрца, со  брза интервенција на противпожарните екипи од Охрид, шумското стопанство „Галичица“ и на граѓаните е изгаснат.

Пожарот во Дебрца  зафати површина од над 40 хектари борова шума и сува трева и се закануваше на првите куќи од селата, но навреме беше локализиран.
Вчера пожар избувна и кај депонијата на Буково кој исто така со брза интервенција на противпожарните екипи брзо бил локализиран.


гори во струшко ама и во охридско

Вчера Штабот за следење на кризна состојба во Охрид одржа состанок на кој била  разгледана состојбата од опасноста од пожар на територијата на општина Охрид.
 
Оценето е дека во моментов состојбата на територијата на општина Охрид е стабилна, но со постојан ризик од избувнување на пожар и предизвикување на штети. Штабот за следење на кризи е во постојан контакт со сите субјекти кои можат да придонесат за успешно реализирање на поставените задачи и ги превзема сите неопходни превентивни мерки за намалување на ризичноста од пожари.
 
Од денеска  се отпочнува со превентивно дејствување на критичните точки во стариот дел на градот, со чистење од запаливи материјали кој потенцијално може да предизвикаат пожар на боровата шума, полевање со вода на просторот, стрижење на тревата и кастрење на сувите дрва. Денешната акција ќе биде заеднички организирана со Ротари клубот од Охрид.

Континуираните превентивни активности ќе продолжат и наредните денови на евидентираните критични точки, како што се: просторот кај Спомен Паркот на Револуцијата и најпроблематичната точка-депонијата кај Буково.
 
Општинскиот Штаб за следење на кризна состојба, упати барање до градежните фирми во Охрид за ставање на располагање на нивната механизација и луѓе при евентуална потреба од нивно ангажирање. Голем број приватни градежни фирми веќе испратија списоци со расположивата механизација и лица кои ќе бидат на услуга при евентуално нивно вклучување во некои координирани акции.
 
Јавното претпријатие “Македонски шуми”-подржуница Охрид и Националниот Парк “Галичица”, се постојано на терен и вршат контрола и известување за состојбата, а Територијалната против пожарна единица од Охрид е во постојана приправност.
 
Општинскиот Штаб за следење на кризна состојба уште еднаш апелира до граѓаните, посетителите и гостите во Охрид да не палат оган на отворен простор, а истовремено ги потсетува дека е воведена забрана за движење низ шумскиот простор на територијата на целата држава.

Г. Момироски