Во Општата болница во Охрид во моментов се згрижени вкупно 94 пациенти позитивни на коронавирус од кои 24 пациенти се на кислородна поддршка. Поради зголемениот прилив на заразени на кои им е потребен болнички третаман веќе е направена реорганизација по повеќе болнички одделенија. Ова беше истакнато на состанокот на Кризниот штаб на Општина Охрид што се одржа денеска, на кој зедоа учество сите постојани членови како и раководителите на дел од секторите во општинската администрација.
Поради константното зголемување на бројот на новозарзени, зголемена е потребата од дополнителни капацитети за згрижување на пациенти. Во тек е подготовка на план за искористување на расположливите капацитети, медицински персонал и медицинска опрема од останатите здравствени институции на подрачјето на општината. Се презeмаат сите потребни активности од страна на надлежните служби во Општина Охрид за спроведување на сите потребни активности за подготовка на теренот во болничкиот комплекс за поставување на модуларната болница. – соопшти Кризниот штаб.
Во текот на наредните денови ќе се разгледа можноста за организирање на мобилни здравствени тимови кои ќе може да пружаат здравствен третман во домашни услови на заболени кои имаат полесна клиничка слика. Исто така ќе продолжат редовните активности за дезинфекција на јавните површини во Општина Охрид, информира Кризниот штаб.
Се упатува апел до сите компании, институции и граѓани максимално да ги почитуваат мерките за превенција и заштита од вирусот да се носат заштитни маски, да се одржува потребна дистанца, да се одржува лична хигиена и да се врши дезинфекција. – повика Кризниот штаб на Општина Охрид.
Oд почетокот на пандемијата во Охрид се регистрирани 1002 случаи со Ковид 19, а активни се 410 случаи.
Г.М.