Министерот за правда Кренар Лога ги повика сите политички партии да дадат свој придонес и со консензус да биде донесен новиот Изборен законик. Подготвен е претседателот на работната група која треба да работи на Изборниот законик да биде на предлог на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Мојата јасно зацртана цел е Изборниот законик да биде изготвен пред следните избори, а преку инклузивен процес да се гарантира правната сигурност со тоа што ќе се слушнат мислењата на сите политички партии. Затоа, ги повикувам сите политички партии со консензус да го донесеме Изборниот законик и да ги утврдиме изборните правила. Упатувам апел до ВМРО-ДПМНЕ како најголема опозициска партија да даде свој придонес и да номинира свој член во работната група. Согласен сум, претседателот на работната група да биде нивен предлог, потенцирал Лога на конференцијата „Изборните реформи во Северна Македонија“.

Според Лога, Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно и да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите.

Дали ни е неопходна оваа реформа? Одговорот е да. Изборниот законик треба да стапи на сила најмалку шест месеци пред изборите, за да можат институциите да се подготват непречено да ги спроведуваат промените. Во последниот извештај за предвремените парламентарни избори, Специјалната мисија за проценка на изборите на ОДИХР јасно стави до знаење дека сè уште има голем број прашања во законската рамка за изборите што треба да се решат. Изборниот законик треба да се ревидира сеопфатно со цел да се усогласи во рамки и со другите релевантни закони, да биде во согласност со целите на ОБСЕ, меѓународните обврски и добрите практики, рекол Лега.

На конференцијата, како што соопшти Министеството за правда, Лога им се заблагодарил на НДИ и на сите граѓански организации кои активно учествувале во реформските процеси кои придонесуваат кон придвижување на земјава во Европската Унија.

OhridNews
Фото: Влада