Викендов заврши новата голема акција на Лајанс клубот  Лихнидос, со која се обезбедија 170 комплети скафандери и обувки за сите лекари и медицински персонал во Општата болница Охрид. Под стручен надзор на Д-р Диел Аголи беше избрана медицинската ткаенина, формата и големината на скафандерите и обувките, а шиењето го изведе Спасенка Анѓелкоска, чија фирма има 25 годишно искуство во изработка на медицинска опрема.

Овие 170 комплети обезбедуваат лична заштита на целиот персонал во болницата, ангажиран според Протоколот за превенција од Ковид 19, усвоен од Кризниот штаб на нашата болница. Во услови на глобална пандемија, секој наш пациент, без разлика на кое одделение доаѓа, мора да биде третиран како потенцијален носител на вирусот. Искуството од другите земји покажува дека токму медицинскиот персонал е најизложен на опасност, а и најмногу страда. Едноставно, доколку ефикасно ги обезбедите лекарите, тогаш целата заедница ќе биде заштитена. – изјави Д-р Аголи, иницијатор на акцијата и член на Кризниот штаб при Општата болница Охрид.

Вкупната вредност на опремата надминува 200.000 денари. – истакна Проф. Д-р Зоран Тунтев, член на ЛК Лихнидос.

За среќа, клубот има пријатели кои помагаат кога е најтешко. На нашата молба за финансиска помош експресно одговорија повеќе компании, медиуми, ЛК Деница и хумани поединци, како и Охридската митрополија. Притоа, со помош на црквата ќе обезбедиме и 100 заштитни маски од типот N95, со кои целосно ќе биде заштитен персоналот во оперативниот блок на Општата болница Охрид. – потенцираше Проф. Тунтев.

OhridNews