Британската премиерка Лиз Трас го обвини рускиот претседател Владимир Путин за „заканувачко тропање со оружје“ за да ја прикрие неговата неуспешна инвазија врз Украина и им кажа на Обединетите нации дека нивните основни принципи се прекршени поради агресија на авторитарни држави.

Во својот прв говор пред Генералното собрание на ОН, Трас ја нарече војната во Украина битка за „нашите вредности и безбедноста на целиот свет“ а покојната кралица Елизабета Втора ја нарече симбол на сè што значат ОН.

Коментирајќи ја одлуката на Путин да ги мобилизира резервистите и да искористи се што му е на располагање за да ја заштити Русија – што очигледно упатува на рускиот нуклеарен арсенал – Трас го обвини рускиот лидер дека „очајно се обидува да ги оправда своите катастрофални неуспеси“.

Тој го зголемува ризикот испраќајќи уште повеќе резервисти во ужасна судбина … Тоа нема да успее. Меѓународната алијанса е силна, Украина е силна, рече Трас која говореше по украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во говорот таа го изложи и своето гледиште за надворешната политика во светот свртен наопаку поради руската инвазија, и зборуваше и за кралицата, на чиј погреб во понеделникот присуствуваа многу светски лидери кои сега се во Обединетите нации.

Таа рече дека кралицата „ги симболизира повоените вредности врз кои е основана оваа организација“, и оти Елизабета, во нејзините 70 години на престолот, „ги надминала разликите и ги излечила поделбите“.

Трас го спомена говорот на кралицата во ОН во 1957 година, во кој Елизабета рече дека „народите во светот очекуваат Обединетите нации да истраат во напорите“ за ставање крај на конфликтите и кризите.

Трас потсети дека кралицата „предупреди оти е од витално значење не само да се имаат силни идеали, туку и политичка волја да се исполнат.

Сега мора да ја покажеме таа волја, нагласи британската премиерка и ги поздрави основачките принципи на Обединетите нации, истовремено повикувајќи на нови меѓународни сојузи за да се спротивстават на влијанието на авторитарните режими.

OhridNews