Фудбалерите на Охрид со празни раце се враќаат од гостување во Дебар, откако претрпеа минимален пораз од Кораб со 1-0, полувреме (1-0) во рамките од осмата рунда во Втората македонска фудбалска лига. Победникот во локалното дерби на Градскиот стадион во Дебар го одлучи погодок од пенал кој домаќините го постигнаа во првиот дел.

Составот на Кораб почна офанзивно, но Охрид од корнер прв се закани. Топката после центаршутот на Наум Вељаноски го погоди в рака еден од фудбалерите од Кораб, но пенал немаше за главниот судија Садик Таири.

Домашните фудбалери после 20-тина минути игра ја создоа првата шанса. Нафрлувањето на Михајло Јакимоски не го искористи Фетахи Ерсин кој со глава биеше покрај голот.

Во 37-та минута Кораб го отвори резултатот. Главниот судија Таири досуди сомнителен пенал за домаќините после дуелот помеѓу офанзивецот на Кораб Муча и охридскиот фудбалер Славе Маркоски. Прецизен од белата точка беше Филип Алексовски.

Охрид, веднаш, после негативата имаше прилика за резултатско враќање во игра. Ударот на Александар Ѓорѓиески со крајни напори го одбрани домашниот чувар на мрежата Ислами Вулнет.

На стартот од второто полувреме Охрид заигра офанзивно и на својата половина го притисна Кораб. Иницијативата на теренот резултираше со шанса за Александар Целески, но голманот Ислами ја пратеше акцијата и провремено реагираше.

Рискатната игра на Охрид му отвори простор на Кораб за контра-напади. Стрелецот на водечкиот погодок Алексовски во ситуацијата „очи в очи“ со Симоновски биеше покрај голот.

Во завршните десеттина минути од мечот во Дебар, составот на Охрид го зголеми притисокот, но домаќините со организирана игра во одбрана не дозволија премногу шанси пред нивниот гол.

„Рибарите“ раните за двата порази во гости ќе ги лечат на домашен терен против екипата на Тетекс.

Мх.П.