Кошаркарите на Хереклеа го освоија целиот плен во СРЦ „Билјанини Извори“, совладувајќи го составот на Охрид со 64-60 (12-15, 13-17, 23-11, 17-16) во 2-та рунда Втората кошаркарска лига.

Првите две четвртини им припаднаа на охриѓани со 15-12 односно 17-13, за водство 32-25 на полувремето. „Галебите“ постепено, со борбена игра во одбрана и стрплив напад ја градеа предноста од почетокот до крајот на првиот дел.

Охриѓани целиот труд од двете воведни четвртини го фрлија во вода после слабиот трет квартал. Нападот комплетно потфрли, додека одбраната ја изгуби цврстината. Битолчани со 23-11 не само што ја анулираа предноста на домаќините, туку и го презедоа водството 48-43.

До средината од решавачките десет минути, кошаркарите на Охрид успеаја да стигнат до егал 53-53. Сепак, битолчани во финишот беа за нијанса подобри, поефикасни и поумешни искористувајќи ги и најмалите шанси за поени. „Галебите“ премногу греша во нападот, а ниту реализацијата не беше најдобра и мораа да им пуштат рака на противниците.

За охриѓани ова беше втор пораз на стартот од сезоната, додека битолчани ја забележаа втората победа и сериозно се наметнуваат во борбата за врвот во второлигашката конкуренција.

Фото галерија од натпреварот Охрид – Хереклеа

OhridNews