Охридскиот ракометен клуб по план и со триумф ја отвори новата сезона во македонската Супер лига. „Гладијаторите“ славеа со 29-23 (17-8) против составот на Голден Арт КЛ7 кој го има најмладиот ростер во македонскиот шампионат.
Избраниците на Раде Стојановиќ уште во првите десет минути го скршија отпорот на домаќините и ги наместија коцките за победа. На семафорот стоеше 5-2.
На истекот од 20-та минута Охрид ја дуплираше предноста и се одлепи на 11-5. До крајот на првото полувреме ракометарите на Охрид зголемија за дополнителни три погодоци за комотна предност (17-8).
Екипата на Охрид долго во второто полувреме го одржуваше водството од 9 погодоци, а во еден момент поведе со 10 голови. Во завршните пет минути од натпреварот охридските ракометари се опуштија, а домаќините искористија да намалат и да претрпат пристоен пораз (29-23).
Голманскиот тандем Даниловски-Брауновиќ имаше 12 успешни интервенции. Најпрецизен беше Филип Кривокапиќ со седум голови, а еден помалку постигна Денис Тот. Кај тимот на Голден Арт КЛ7 најпрецизен беше Ѓорѓиев со 4 погодоци.
Составот на Охрид во втората рунда е слободен, а во третата ќе ги одмери силите со тимот на Радовиш во СРЦ „Билјанини Извори“.
OhridNews
Фото: Гол.мк