Ракометарите на Охрид забележаа нова победа во Супер лигата, триумфирајќи на гостински терен против Јуниор Кисела Вода со 31-22, полувреме (17-9). „Гладијаторите“ одиграа нов доминантен натпревар и без поголеми проблеми се справија со дебитантот во суперлигашкото друштво за максимален ефект после четири одиграни мечеви.

Избраниците на Раде Стојановиќ уште на стартот од натпреварот наметнаа брзо темпо на игра кое домаќините неможеа да го издржат. Охрид поведе со 5-1 после седум минути игра. На средината од првиот дел обезбедија највисоки седум голови предност 10-3. Ракометарите на Јуниор КВ намалија на пет негатива (13-8), но охриѓани со еден фуриозен финиш ја вратија предноста и на одмор заминаа со 17-9.

Домашните ракометари повеќе од добро му парираше на Охрид на почетокот од второто полувреме. Анулираа три голови негативата, а имаа и напад кој не го реализираа. Следеше мини серија на Охрид и ново одлепување на семафорот. До крајот на мечот „сино белите“ ја стабилизираа играта и не дозволија осцилации, за конечни 31-22.

Пивотменот Тасески и бекот Манасков реализираа по шест голови, а голманскиот тандем Даниловски-Брауновиќ искомбинираа 13 одбрани. На спротивната страна добар натпревар помеѓу стативите имаше Стојаноски со 13 одбрани, а Бајрактаревиќ застана на 6 погодоци.

В петок во рамките од шестата рунда во Супер лигата, Охрид ќе ги одмери силите со Астраион.

OhridNews